Панел дискусија за физичката активност и менталното здравје како дел од Европската недела на…

Под мотото “Recovery is an evolution not a miracle”, Europe House и ФитКит организираат уште една панел дискусија по повод Европската недела на спортот која што ќе се фокусира на тоа како физичката активност влијае врз менталното здравје.

Настанот е бесплатен и ќе се одржи на 22 септември (вторник) во просториите на Europe House во Скопје со почеток од 13.30 часот и истиот е подржан од Делегациајта на Европската Унија.

Целта на работилницата е заедно да ги скршиме најчестите стереотипи и погрешни верувања за физичката активност и нејзиното влијание врз менталното здравје, ќе ги дознаеме начините и моделите за справување со менталните болести и кои се институциите и луѓето кои што можат да ни ја понудат својата помош.

Марина Анчевска — НЛП и јога тренер, Сергеј Ѓeоргиев — тренер за јога и медитација и Софија Манчева — фитнес тренер и психотерапевт се панелистите кои ќе го споделат своето лично искуство и приказна со публиката.

-Вклучувањето во некаква физичка активност има лепеза на бенефиции. Од подобрување на општата издржливост, сила и кондиција, до здрава телесна тежина. Сепак, бенефициите за менталното здравје често се занемаруваат или се зборува само за тоа дека се лачат хормони на среќа и добро расположение. И да, тоа е точно, но сепак многу повеќе треба да се зборува дека вежбањето е една од најдобрите работилници што може да си ја направиш самиот/та со себе. Во денешни услови, често среќаваме луѓе чиешто нарушено ментално здравје или нарушената самодоверба се причините поради кои што не се активни. Не сакаат да бидат опркужени со луѓе, не сакаат да бидат осудувани поради нивниот проблем или вишок на килограми. Затоа, на работилницата ќе зборуваме за овие теми, ќе споделуваме искуства и ќе учиме од луѓе чија животна мисија е да ги направат луѓето ментално, духовно и физички во добра кондиција, објаснува Јосиф Дамјанов, модератор на настанот.

Ако си заинтересиран/а да бидеш дел од работилницата, пополни ја оваа форма.

Пријавувањето ќе се одвива по принципот прв дојден, прв услужен, затоа по пополнување на првите 20 места (максимален број на дозволени присутни), формата ќе биде затворена за пријавување.

На настанот ќе бидат почитувани сите препораки за заштита на здравјето на присутните како задолжително носење маска, мерење температура при влез, дезинфицирање на просторијата и седење на неопходна дистанца.

Инаку, од 23 до 30 септември, по повод Европската недела на спортот (#BeActive), ќе се организираат низа активности за да ги поттикнат младите да спортуваат повеќе и да се свестат за тоа колку физичката активност може да им го промени животот на подобро.

Останете во добро здравје, па се гледаме во Europe House!


ФитКит e апликација која ти овозможува да вежбаш кога сакаш и каде сакаш, сега и во online вежбалните низ целата држава.

Апликацијата е достапна на PlayStore и AppStore.