Твојот зимски фитнес водич

Секој од нас треба да биде физички активен особено со се’ поголемиот замав на технолошките предности и олеснувања кои не врзуваат голем период од денот во седечка или лежечка положба. Без разлика на кое ниво е твојот фитнес живот и активност, секогаш можеш да почнеш од некаде па макар тоа нека биде и менување навики во исхраната кои што ќе ти донесат кураж и мотивација за физички да се активираш. Ако сеуште имаш одбивност и никако не ти оди со тоа да вметнеш вежбање во твоето време ќе споделиме некои работи кои можеби ќе ја подобрат твојата иницијатива и мотивација.

Исполни ја минималната норма на активност
Секој треба да биде активен барем по 30 минути 5 дена во неделата. Некои од многуте здравствени бенефити поврзани со вежбањето се густина на коските, мускулен тонус, кардиоваскуларни подобрувања и повеќе енергија. Доколку па можеби си за посериозни атлетски резултати, тогаш треба да целиш на 60–90 минути 5 дена во неделата.

Не се плаши од вежбање
Многу луѓе не почнуваат со вежбање затоа што тоа ги потсеќа на потење, земање на здивот, воспаление на мускули. Исто така многу често со зборот вежбање поврзуваат слика од некоја личност што е вистинска фитнес инспирација и го промовира тоа со љубов на социјалните мрежи. И после таа слика следува убедувањето “јас нема шанси овака”. Не можеме да ти кажеме дека ќе нема потење и болки во мускули, но можеме да ти кажеме дека постојат и подобри асоцијации со вежбање како на пример добро чувство после завршен тренинг, потрошени калории, повеќе енергија, подобрено расположение, мускулен тонус и уште многу други :). А за hard core вежбачите — дај боже да ги има повеќе, но тоа не значи дека ти треба да бидеш како нив. Биди си ти и вежбај тоа што тебе те прави среќен/а. Само прави го континуирано и ќе видиш резултати.

Избери забавен пристап за вежбањето
Прво нешто што многу од луѓето грешат е дека избираат конкретен ден или датум, ентузијазмот е на највисоко ниво и се впуштаат во некои дисциплини кои уште веднаш ги тестираат нивните граници, им одзема многу време во припрема, сакаат да одат по 5 пати во неделата уште од првата недела и со тоа си придонесуваат за неверојатно воспалување на мускулите. Тоа е најдобриот рецепт за пад на ентузијазмот после 2–3 недели, пад на континуитет и откажување. Секое откажување го прави следниот почеток потежок и секое откажување ја руши самодовербата дека “те бива” за вежбање. Затоа прво нешто постави си помали цели, како на пример да одиш максимум 3 пати неделно на вежбање. Избери дисциплина што одговара на твојот дух и избери локација во која можеби оди некој твој близок пријател што ќе ти го прави вежбањето позабавно. Избери локација во која тренерите се со позитивен став и ум па ќе си доаѓаш дома расположен/а поради нивното присуство.

Најважно е да си го слушаш телото и да се форсираш до онаму каде што е доволно за тебе и што нема да ти прави да се чувствуваш со страшни болки во мускулите следниот ден.

Ако ти се допадна ова што го читаше ќе ни значи да стиснеш на аплаузот 👏 и можеби да ја препорачаш статијава некому на кого му е потребна.