Во последните 2 години кросфит како дисциплина доживеа сензација и многу луѓе зборуваат за неа иако сепак повеќе зборуваат отколку што ја издржуваат :). CrossFit е интензивна програма за вежбање каде што се измешани плиометриски скокови, олимписко дигање и трчање. Тренерите и ентузијастите користат и “алтернативна” — нетрадиционална опрема звоно, медицинки, тракторски гуми, кутии и слично. Најчесто вежбите се структуирани на начин да ги тераат вежбачите да прават одреден број на поторувања на вежбата во зададена временска рамка. Оние што се напреднати во оваа дисциплина често имаат и дневни предизвици да се натпреваруваат и надминуваат меѓусебно. Она што и додава дополнителна тежина на оваа дисциплина е што не оправдува превара односно доколку и милиметар излегуваш од рамката на “правилно”, тогаш не ти се рачуна :).
И како и во секоја друга област од нашето живеење и за оваа дисциплина кружат гласини, митови и невистини. Особено беше актуелна кога на интернет прокружеа неколку случаеви на луѓе кои си направиле сериозни повреди при вежбање. Но, тоа не значи дека во ниеден друг спорт не настанува повреда па сега треба да бидеме претпазливи и уплашени. Овде многу повеќе станува збор за аматеризам отколку за вина на дисциплината. Како и во секоја друга работа така и со популарноста на CrossFit, многу луѓе видоа шанса да направат само пари па ја користат оваа дисциплина и нејзината популарност да продадат членства, а притоа прашање е колку се професионалци при работа со тие луѓе. Затоа настануваат немили случаеви.
Ако прашуваш дали оваа дисциплина е за тебе, мојот одговор е не знам, но можеш да и дадеш шанса. Доколку си максимално залежан и неактивен можеби прво би ти препорачал да се вклучиш во некоја основна фитнес програма еден месец па да продолжиш кај нашите пријатели на CrossFit во почетничка група со надзор и следење од тренер. За мене оваа дисциплина е можеби и најдобрата затоа што во исто време ти носи голема потрошувачка на калории, ти носи сила, издржливост и мускулна маса. Дополнително на тоа е вежбање во група што барем за мене го прави вежбањето поатрактивно и попредизвикувачко. Но, затоа повторно ќе кажам не постои дисциплина “one size fits all”. Земи и пробувај се додека не ја најдеш својата омилена затоа што постои! Исто како што имаш омилени книги, ресторани, филмови, луѓе и места…
Ако ти се допадна ова што го читаше ќе ни значи да стиснеш на аплаузот 👏 и можеби да ја препорачаш статијава некому на кого му е потребна.
-Јосиф