Како подобро да се промовирам како фитнес тренер на социјалните мрежи?

Photo credits: @karolina-grabowska

Твоите сегашни и идни вежбачи се наоѓаат на социјалните мрежи повеќе од кога и да било порано. Пандемијата уште повеќе ја наметна потребата за драстични промени во фитнес индустријата. Ова значи дека и маркетинг стратегијата која што досега си ја применувал, време е да доживее трансформација!

Како ти го промовираш твојот бренд и себеси како тренер на социјалните мрежи? Дали стратегијата досега ти се покажала како успешна? Или не баш?

Секогаш има простор за подобрување. 💪

Еве некои идеи како да ги привлечеш вежбачите и да стекнеш многу лојални фанови што со нетрпение ќе ја очекуваат секоја твоја нова објава:

✅ Охрабри ги вежбачите да ти праќаат слики од тренинзи

Многу е монотоно ако само ти како тренер си застапен/а на сликите и објавите на твоите социјални профили. ⛔️

Вклучи ги и вежбачите. Мотивирај ги да ти испраќаат фотографии и видео од тренинзи. Со тоа ќе покажеш дека твоите клиенти уживаат во твојата програма. Тоа позитивно ќе влијае и врз одлуката на идните вежбачи што се уште се двоумат кој/а да изберат како тренер.

Или ако си на почеток и објавуваш содржини во кои те има само тебе, нека донесат вредност за твоите вежбачи и публика. Објавувај содржини со вежбање, храна, факти и хумор за активен живот. Супер е ако имаш добро тело, но на никој не му треба да го потсетуваш секој ден за твојата убавина :).

Photo credits: @readymade

✅ Ангажирај инфлуенсери што ќе ти го промовираат студиото

Инфлуенсер маркетингот доживеа бум во фитнес индустријата затоа што повеќе не е толку важно да имаш огромен број следбеници, туку и луѓе што ќе ја шират пораката за тоа колку е одлично да се вежба со тебе. 😎

Доколку твојот буџет го дозволува тоа, ангажирај неколку локални инфлуенсери кои имаат пасија за активен живот и само гледај како бројот на клиенти ти расте како резултат на одличните препораки што се шират за тебе. Или ако немаш буџет, договори компензација. Понуди им на неколку инфлуенсери да вежбаат со тебе бесплатно.

Photo credits: @olly

✅ Креирај колку што можеш повеќе видеа во живо

Поголем дел од корисниците на социјалните медиуми преферираат да гледаат видео содржини во живо, отколку стандардни објави. Сигурно ти текнува на оние “how it’s made” емисии. Популарноста ја доживеаја бидејќи луѓето сме љубопитни за тоа што се случува позади крајниот продукт и како се создава. Искористи го тоа во своја полза! 🎥

Покажи им ја акцијата што се случува за време на тренинг, сподели корисни совети за здравје и фитнес, подготви Q&A сесија на одредена тема или твоите омилени рецепти на дело. Направи live видео за тоа како се организираш за тренинг. Како составуваш вежби, како си поставуваш масичка на која стои лап топ, како избираш облека, каде ги поставуваш листовите со тренинзите. Можности има безброј. Луѓето сакаат да видат дека навистина се трудиш за нивно добро искуство.

Photo credits: @anete-lusina

✅ Креирај кратки објави што бргу исчезнуваат

Луѓето повеќе немаат време да гледаат долги видеа, а баш и немаат трпение. Затоа, обиди се видеата да ти бидат до 1 минута. Брзо донеси ја поентата на маса.

Истовремено, искористи го психолошкиот момент на ФОМО (страв дека ќе испуштиш нешто) со постирање на видео објави на Stories. Со оглед на тоа дека содржината е достапна само 24 часа, луѓето ќе побрзаат да ја видат твојата објава пред да исчезне. Тоа ќе направи со нетрпение да ја очекуваат твојата следна објава. 😉

Photo credits: @tracy-le-blanc-67789

✅ Инвестирај во реклами на социјалните медиуми

За да бидеш сигурен/а дека твоите објави ќе допрат до твојата таргет публика, разгледај ја идејата да вклучиш и реклами на омилените социјалните медиуми на твоите вежбачи.

Рекламите на социјалните мрежи стануваат се понапредни со можност за персонализирање како никогаш порано. Ова ти ја прави работата уште полесна и поефикасна. Порано или подоцна, инвестцијата ќе ти се исплати (повеќекратно). 💰

Пандемијата кристално јасно ни покажа: Тренерите што имаат автентични постови, активни се и поттикнуваат комуникација, ќе ја стекнат довербата на вежбачите и ќе привлечат многу клиенти, дури и за време на пандемија.

Затоа тренери, време е за акција! 💪


FitKit logo app

ФитКит e апликација која ти овозможува да вежбаш кога сакаш и каде сакаш, сега и во online вежбалните низ целата држава.

Апликацијата е достапна на PlayStore и AppStore.