Да ги охрабриш твоите вработени или колеги да вежбаат не е само поради тоа што треба да бидат фит и здрави. Тоа го знаеме сите. Постојат многу други подолгорочни бенефити пред се’ за тебе, а потоа и за твоите колеги или вработени доколку си одговорен за група на луѓе во фирмата.
1. Вежбањето е природен лек
Доколку го читаш ова тоа значи дека си дел од една посвесна група на луѓе кои знаат дека вежбање е супер. Но, не знам дали некогаш си размислил/а дека многу мали промени во однесувањето на вработените по прашањето на активен животен стил може драстично да го намали бројот на луѓе кои ќе се борат со настинки и боледувања. Секоја фирма особено во Македонија каде што пазарот на трудот не е во најдобра кондиција треба да пати и да прави реорганизации и дополнителни планирања на време и луѓе само поради тоа што при промени на временски услови или сезона ќе почнат боледувањата и дефицит од работна сила.
2. Градење на односи и вмрежување
Луѓе се врзуваат за луѓе, а не за инвентарот или канцелариите во кои работат. Надвор од платата, секој од нас на крај на денот е задоволен од своето работно место доколку е дел од позитивно опкружување и атмосфера.
Еден од подобрите начини како вработените и колегите можат да градат подобри односи и да се запознаваат како луѓе се всушност сите неформални средби надвор од канцеларии. Неформалните средби на нашево поднебје се најчесто во кафана, но нели мислиш дека е време да одиме на ново ниво. Сепак не сме 1999 :). Ако гледаме научно, докажано е дека со вежбање се лачат ‘позитивните’ хормони и речиси е невозможно да забележиш негативна личност за време или после вежбање. Најдобриот однос и запознавање меѓу нас луѓето се гради и случува исклучиво во добра атмосфера, ослободени од стрес, секојдневие и грижи. Затоа размисли колку тоа се прави во твојата компанија на неделно ниво. Доколку имаш ингеренции и можност најди начин да обезбедиш различни дисциплини на различни локации и дозволи им на вработените да се вмрежуваат и запознаваат на малку поразличен начин.
3. Креативност и продуктивност
Дали знаеш дека најголем број од идеите ни доаѓаат кога сме надвор од “машината” наречена секојдневие. Лично и јас многу пати се фаќам како за време на вежбање ќе се сетам да запишам да се јавам некому, или ќе ми текне нешто да додадам во мојот систем или процес на работење, или пак да му пратам на мој клиент или соработник некаква порака и барање за средба.
И да, не треба мојот или твојот пример. Самата наука вели дека вежбањето ја прави мислата почиста, носи повеќе кислород до мозокот и ја поттикнува левата хемисфера да продуцира подобра логика, а десната да продуцира подобра креативност. Дополнително, вежбањето носи поголем трошок на калории во остатокот од денот, а тоа во превод значи дека во телото ќе се ослободува повеќе енергија што директно влијае на енергијата и продуктивноста која што ќе ја донесеме на работното место.
4. Додадена вредност на работното место
Компензацискиот план во 2018 не значи само плата. Денес во компаниите е многу бизнис интелигентно да се размислува за додавање вредност во овој план за дополнителни бенефити освен пари. Тука без никакво размислување би ги вклучил опциите за активности и вежбање, team bulding денови, достапност на овошје во канцелариите, зачестени едукации на теми поврзазни со исхрана и вежбање, интересни и забавни правила во канцелариите за колегите и вработените (на пр. сите што јадат брза храна да стојат 1 час, наместо да бидат сместени во својот удобен канцелариски стол 🙂 )
И повторно најголемата добивка ќе ја има компанијата, затоа што секој од нас сака да биде дел од компанија со која ќе може да се пофали и да биде горд дека е дел од иновативен и модерен тим, поразличен од другите. Нели? 🙂
Ако ти се допадна ова што го читаше ќе ни значи да стиснеш на аплаузот 👏 и можеби да ја препорачаш статијава некому на кого му е потребна.
–Јосиф