Под мотото „Да бидеме активни”, граѓанската спортска организација ТАКТ го организира првиот Национален Фитнес Ден во земјава.
Оваа позната европска иницијатива која што за прв пат се случува и во Македонија е наменета за сите луѓе кои што веруваат во моќта на физичката активност за подобрување на квалитетот на животот, а истовремено ја поттикнува и промоцијата на фитнес секторот и фитнес тренерите.
Целта е преку најразлични активности да се одбележи најактивниот ден од годината и да се прослави физичката активност и нејзината улога во рамки на државата.
Одбележувањето на Националниот Фитнес Ден ќе стартува на 21 јули со семинар во Јавна Соба во Скопје.
Официјалниот ден ќе биде на 24-ти септември со организирање на голема национална кампања во која фитнес центрите, клубовите и организациите ќе ги отворат своите сали и ќе обезбедат бесплатен пристап до нивните услуги со цел да го популаризираат фитнесот и физичката активност во своите локални заедници.
-Во однос на организација на настанот и самиот Фитнес ден ќе се обрне особено внимание на препораките за заштита од Ковид-19. Семинарот ќе се одржи во Јавна Соба и предвидува само 30 присутни поради препораките, но сите заинтересирани ќе можат да го следат со помош на лајв стриминг. Ќе бидеме во проветрена просторија со заштитни маски и неопходна социјална дистанца од 2 метри. Пандемијата претставува предизвик, но со внимание и почитување на мерките можеме да ги оставриме нашите цели!, вели Магдалена од Такт.
Покрај семинарот, активностите за посетителите се разновидни и достапни за секого.
-Активностите се различни, почнувајќи од редовен час за фитнес, бесплатен тренинг за нови членови, прошетка за ручек, фитнес сесии за пред и после работа, детски натпревар и вежби за деца. Важно е да се знае дека секој може да учествува и дека сите заинтересирани кои што сакаат да бидат дел од активностите можат да не’ исконтактираат на nationalfitnessdaymk@gmail.com.
Организаторите се надеваат дека оваа европска иницијатива наскоро ќе прерасне во традиција.
-За првпат во Македонија овој ден го организираме со надеж да стане традиција и ден кога луѓето од сите возрасти, различни социјални, етнички структури и физички способности се здружуваат во прослава на фитнесот. Македонија станува дел од оваа голема европска приказна преку нашите партнери EuropeActive и нашите ментори Ireland Active кои ни дадоа комплетна доверба во организација на настанот и приклучување на македонската фитнес сцена кон оваа голема европска иницијатива. Како дел од партнерите, овде е и апликацијата ФитКит која што ќе ни помогне да ја зголемиме видливоста на настанот и да допреме до бројна публика која што ќе ја слушне оваа приказна и ќе се мотивира за да стане дел од оваа заедничка промоција на фитнесот.
Важноста од водење на едно здраво и активно секојдневие исполнето со физичка активност е нашата главна цел, вели Надица од Такт.
– Преку оваа иницијатива ќе се потрудиме да активираме што поголем број на луѓе со цел заедно да ја прикажеме моќта на физичката активност. Фитнесот обединува и тоа сакаме да го покажеме токму на овој ден! Но секако, националниот ден на фитнесот не е само еден ден. Овoj настан треба да не` потсети и да не` мотивира да ја промениме нашата рутина кон нови и позитивни бенефиции, па затоа, ги охрабруваме сите да ја испишат својата порака и да споделат со нас што за нив значи фитнесот.
Очекуваме овој ден да ја обедини нацијата во една голема цел, а тоа е промоција на физичката активност и здрав и активен живот за сите, додава Магдалена.
-Оваа година за првпат сакаме да ја покажеме моќта на физичката активност во прослава на фитнесот. Овој настан треба да биде потсетник дека физичката активност треба да стане наше ново секојдневие кое ќе ја промени нашата рутина и ќе не насочи кон долготраен и здрав начин на живот.
За крај, организаторите со апел до сите фитнес ентузијасти кои што сакаат да бидат дел од оваа голема европска приказна.
-Со самото вклучување во една ваква иницијатива вие како наши партнери, амбасадори и поддржувачи најпрво ќе влезете во едно огромно фитнес семејство на европско ниво, а со тоа ќе добиете и огромна видливост во вашата заедница. Со приклучување во оваа приказна вие како личност станувате промотор на вистински вредности и мотиватор за сите околу него. Вклучувањето и поддржувањето на овој ден е многу едноставно — се` што треба да направите е Вашето фитнес секојдневие на 24-ти Септември да го зајакнете со нашите препознатливи хаштагови #фитнесзначи #фитнесден #letsbeactive.
Останете во добро здравје, па се гледаме на Националниот Фитнес Ден!