Очекувањата на твоите членови и вежбачи се сменија. Еве што треба да направиш.

Малку е тврдењето “многу се сменија работите во фитнес индустријата оваа година”. Колку и да ти се крева косата кога ќе слушнеш “новото нормално”, сепак веќе 9 месеци живееме и навигираме низ пандемијата и поминуваме различни стадиуми на тоа ново нормално.

Денес излегуваш од дома и освен пари, телефон и клучеви земаш плус маска и гел за дезинфекција. Ако си сопственик на студио или фитнес центар, или па ако си тренер, знаеш дека и во твојот опис на работно место додадени се уште неколку ставки како дезобариери, средства за дезинфекција, обележување на простор за вежбање, онлајн вештини за да направиш тренинг итн. Но, сепак не си само ти и не е само фитнес индустријата што се смени. Се сменија и твоите членови и вежбачи. И тоа многу!

Во ФитКит хрноично сме посветени на однесувањето на тренерите, вежбачите, студијата и целата индустрија. Повеќе од сигурни сме дека денес луѓето имаат различни очекувања од својот тренер и студио кога носат одлука каде да вежбаат. Затоа, во овој текст ќе ти откриеме што се смени кај твоите вежбачи и што да направиш за да ги сретнеш нивните очекувања.

Што се смени и зошто е тоа важно?

Достапноста и флексибилноста од понудата на онлајн часови не може да се занемари. Имањето на онлајн часови не е повеќе “можеби треба да го имам”. Тоа е задолжителен дел од понудата ако сакаш да те има на мапата на фитнес цетнри и студија.

Податоците и бројките што ги гледаме во позадина на нашиот систем и апликација говорат за тоа дека фреквенцијата на групните активности како пилатес, јога, функционален фитнес, аеробик се во 90% вратени како и бројките пред пандемијата. Тоа се должи исклучиво на онлајн тренинзите. За разлика од нив, фитнес центрите сеуште не можат да се пофалат со овие бројки од проста причина што не можеш машините и справите да ги дигитализираш…

Луѓето и понатаму вежбаат и ќе останат активни, но ова се очекувањата кои што ќе ги имаат од тебе и твоето студио дури и кога ќе заврши пандемијата:

  • Флексибилност. Онлајн часовите мора да останат на твоето мени и понатаму. Едноставно, луѓето ќе ја сакаат флексибилноста да останат и дома, а сепак да не го пропуштат часот со тебе. Видовме многу интровертни луѓе и мајки кои едноставно ја избираат исклучиво опцијата онлајн. Тоа е апсолутно голем пазар!
  • Достапност. Луѓето сакаме да ни е се’ при рака. Ќе сакаат да видат на твојата понуда пакети кои вклучуваат можност да се вежба и дома и во сала, а не само едно од тие две. Ќе сакаат и да изберат време за вежбање што одговара за нив, а не да се прилагодат на твојот распоред. Исто како што ти сакаш да гледаш филм на Netflix кога тебе ти одговара, а не кога одлучил уредникот на телевизијата :). Затоа, размислувај да ги снимаш часовите и да бидат достапни и во следните 24 часа или следните 7 денови. Биди бизнис паметен/на.
  • Безбедност. Очекувањето за дезинфекција ќе остане. Дури и позитивна работа е што пандемијата не’ научи да размислуваме на тоа во фитнес центрите, бидејќи во нашава земја немавме баш добри стандарди по тоа прашање.

Како да го адаптираш твојот бизнис и понуда кога пандемијата ќе заврши

Периодов видовме 2 шаблони на размислување кај тренерите и сопствениците на студија:

  1. Онлајн вежбање нудев поради пандмијата
  2. Онлајн вежбање нудев и ќе нудам поради моите членови

Ова првото може да те повреди и еве зошто.

Повеќето тренери кога почнаа да воведуваат онлајн часови самите себе се масакрираа со цените кои ги понудија. Ги намалија за 30% до 50% без никаква причина. Логиката позади тоа беше дека со онлајн вежбањето немаат толкави трошоци како вежбањето во сала, но никогаш не се ставија себе си во приказната како најважниот и најголемиот ресурс.

Гарантирам дека за да направиш онлајн тренинг ќе потрошиш повеќе енергија и напор одколку во сала. Во сала ти е природна средина. Многу е полесно да направиш атмосфера, да комуницираш, да корегираш. Во сала имаш реквизити, имаш простор за маневри, имаш можност да покажеш вежба од различни агли и вежбачите да се гледаат меѓу себе.

За разлика од тоа, онлајн вежбањето бара напор да измислиш вежби погодни за сите во домот, бара напор да следиш кој како вежба, бара напор да ги покажеш од повеќе агли на камерата, бара напор да направиш некаква атмосфера и да зборуваш во услови кога некој несакајќи го вклучува микрофонот и попречува, кога некој ти пишува “еј нешто не те слушам и ми сецкаш”, а во исто време треба да кажеш вежба или да корегираш вежбач. Бара напор да си ја задржиш мотивацијата кога зборуваш и покажуваш, а не си сигурен/на дали им се допаѓа часот затоа што сите се на ‘mute’. Едноставно, бара многу повеќе напор! И затоа не разбирам од каде ти текна да си ја намалиш цената.

Размисли за ова. Вежбачите не доаѓаат кај тебе поради добрата цена туку поради тебе. Исто како и во сала. Ако си професионалец, ако им даваш внимание, ако ги правиш часовите занимливи и забавни, ако негуваш добри односи, ако им посветуваш време и внимание, ако се интересираш за нивниот напредок, ако те гледаат како се трудиш и инвестираш за подобри услови и инфраструктура ќе те сакаат, ќе доаѓаат и ќе ти носат нови вежбачи. Многу е едноставно и истото важи и за онлајн опцијата. Вежбачите сакаат да те видат дека гинеш за нив и дека ти се важни. Дека иновираш со онлајн часовите, дека имаш континуитет, дека правиш што и да треба за они да останат активни. Не сакаат да слушаат “ај да видиме што мерки ќе донесат”. Сакаат да слушаат “не се секирај, вежбаме што и да се случи”. Бараат да ги водиш, не бараат ценичка!

Не го прави тоа што за тебе е полесно туку тоа што за вежбачите е подобро. А подобро е да им помогнеш да останат активни, нели?

Новото нормално ќе биде хибридното вежбање. Стави си во понудата цена за вежбање само во сала, потоа на пример стави 200 денари повисока цена за вежбање само онлајн и 100 денари повисока за двете заедно and you will see what happens :). И не заборавај да ни кажеш фала :).

Однеси го имиџот и брендот на следно ниво

Уште една работа што се смени кај нас луѓето е начинот на кој што почнавме да купуваме услуги и продукти. Дефинитивно онлајн трговијата експлодираше и време е да понудиш опција за купување на твоите услуги дигитално.

Доста живееме во деведесетите. Доста со кеш пари и тефтерчиња. Наместо тоа, понуди нов начин на плаќање и купување. Понуди дополнителни услуги. Спартнери се со некој добавувач на спортска облека или суплементи. Донеси додадена вредност за твојот вежбач. Олесни го патот за неговиот/нејзиниот активен живот.

Не мора дури да правиш никаква веб страна. Grouper Shopping Mall или Ukion ти нудат можност да си направиш онлајн продавница и да си ги продаваш продуктите и услугите. Дури ќе ти помогнат и да го врзеш целиот процес со достава.

И секако, ти стоиме на располагање за разговор, споделено искуство твое. И ние сакаме да научиме нешто од тебе. Барем едно научивме во пандемијава. Никој не гледаше како да ја победи конкуренцијата туку како да преживее и да не му пропадне бизнисот. Подеднакво сме ранливи и затоа си требаме еден на друг. Навиваме за тебе! 💙 💛Good luck!

— Јосиф


ФитКит e апликација која ти овозможува да вежбаш кога сакаш и каде сакаш, сега и во online вежбалните низ целата држава.

Апликацијата е достапна на PlayStore и AppStore.