Дали е здраво да вежбам постојано иста дисциплина

Дали ти се случило да ги правиш истите вежби, а телото се помалку да ти реагира и да напредува? Дали ја креваш истата килажа како порано, но гледаш дека резултатите не се повеќе видливи како порано? Или пак да ги завршуваш тренинзите без посебен напор и без воспалени мускули следниот ден?

Сигурни сме дека ти се случило да се пронајдеш во некоја дисциплина и со нетрпение да го очекуваш секој нареден тренинг. Редовното вежбање е за пофалба, но овде има една замка. Колку што е добро редовно да вежбаш, толку е и непрогресивно доколку секој ден го тренираш истото, одново и одново.

Според фитнес експертите, редовното практикување на една иста дисциплина може да доведе до „фитнес заситување”. Тоа не значи дека е штетно да вежбаш, но немањето на прогрес значи дека немаш ниту некој посебен бенефит.

Зошто е тоа така?

Човечкото тело има способност за адаптирање. Моментот кога твоето тело ќе се навикне на она што го вежбаш, самата рутина на вежбање ќе го забави твојот напредок. Обликувањето на мускулите ќе забави. Тоа значи дека ќе вежбаш со ист интензитет, но ќе трошиш помалку калории. Наскоро ќе сфатиш дека нема резултати, ќе ти се здосади од активноста и на крај ќе се откажеш од вежбање.

Но, зошто да дојде до тоа?

Фитнес експертите препорачуваат рутината на вежбање да се менува на секои 3 до 4 седмици. Доколку си почетник, најдобро е да промениш дисциплина барем еднаш месечно.

Што ќе се случи ако почнеш да комбинираш различни дисциплини?

  1. Го форсираш телото да се прилагоди на новата активност (при ова трошиш многу повеќе калории);
  2. Активираш некои секундарни и терцијални групи на мускули што со твојата навикната стара дисциплина си ги заборавил/а.
  3. Го намалуваш ризикот од повреди што се случуваат како последица на постојано повторување на истите вежби;
  4. Го стимулираш мозокот да научи нова средина и координација на движења (мозокот не ти е ставен на „автопилот” бидејќи треба да меморираш нови движења/вежби).
  5. Се предизвикуваш да излезеш од зоната на комфор и да почнеш да вежбаш нешто ново (тренингот не ти е повеќе досаден);
  6. Се вмрежуваш со нови лица (секое ново познанство е добредојдено).

Како да ја сменам рутината?

Опциите што ги имаш како вежбач се многубројни.

Можеш да го зголемиш интензитетот на вежбите. На пример, да покачиш од 10 на 30 повторувања на некое движење. Или, пак, од 15 минути кардио по тренинг, да зголемиш на 30 минути.

Можеш да се фокусираш и на движења и делови од телото што досега не си ги вежбал многу. На пример ако си редовен посетител на фитнес додади јога еднаш неделно. Или ако си редовен посетител на пилатес или аеробик, додади пливање.

Фитнес експертите велат дека најдобро е комбинираш различни активности. На пример, во понеделник да одиш на пилатес, во среда на фитнес, а во сабота да возиш велосипед со пријателите. Менување на тренинзи и дисциплини е одличен начин за да го одржуваш мозокот и телото во топ форма.


ФитКит e апликација која ти овозможува да вежбаш кога сакаш и каде сакаш, во над 150 локации во земјава.

Апликацијата е достапна на PlayStore и AppStore.

Симни ја, закажи си термин, посети некоја од нашите локации и пиши ни како си поминал/а. 🙂