Како да ги задржиш членовите и вежбачите со тебе?

Не требаше да се случи пандемијата за да секој од нас е свесен дека ретенцијата на членовите и вежбачите е клучна кога се работи за успех на твоето студио или фитнес центар. Сепак, оваа година ни го потенцираше фактот дека добрите меѓучовечки односи со членовите на клубот се многу важни во услови кога си спречен/а да правиш раст со интензитетот кој го сакаш. Епа тајната за да креираш такви врски и односи се крие во начинот на кој што го пречекуваш и “сместуваш” твојот нов вежбач.

Во една студија направена во САД е нотирано дека 87% од членовите ќе продолжат да вежбаат со тебе најмалку 6 месеци доколку се пречекани и спроведени правилно низ системот на твојот клуб или студио. Впрочем, целта на секој тренер и сопственик на студио треба да биде токму тоа. Каде ти е крајот доколку треба постојано да бараш нови членови.

Сепак, сеуште постојат сопственици и тренери кои што не обрнуваат многу внимание на овој важен дел од работата. Затоа, оваа и следната недела ќе го посветиме времето на тоа да ги идентифукуваме пропустите во работењето кои што водат до немање лојалност од членовите и вежбачите.

Што значи “добро пречекани и спроведени”?

Ова може да варира од тренер до тренер и од клуб до клуб. За еден може да значи да каже “Здраво, добредојде” и да го прошеташ низ салата. За друг може да значи да даде бесплатен час и да ги каже правилата на клубот. За трет може да значи дека прво ќе седне со членот да поразговара за неговите/нејзините цели, искуство со вежбање, историја на болести и повреди. Дури потоа да му го даде решението — да каже соодветна група и програма, да наплати и да ги каже реалните очекувања за резултатите и процесот до целта на вежбачот.

Според едно друго истражување и статија на Hubspot, постојат две причини зошто клиентите те напуштаат. Или не го разбираат продуктот, или не ја разбираат вредноста што ја добиваат назад од твојот продукт. На пример, ако објавиш дека имаш нова HIIT програма, дали твоите потенцијални членови знаат што е таа програма и што ја разликува од останатите слични програми? Што ќе добијат назад во следните 90 дена ако ја практикуваат твојата програма? Може ли да биде тоа мерливо? Дали ти ќе го направиш да биде мерливо? Имаш ли чекори за влез и следење на членот — ден 1, ден 7, ден 21, ден 60, ден 90? Или “нека се вежба само, па здравје”? 🙂 И тоа е стратегија, не неуспешна само бара големи броеви на луѓе и е ризична повеќе од другите.

Вистинскиот клучен детал во оваа стратегија е да ги едуцираш твоите клиенти за програмата и процесот. Да им дадеш јасни очекувања и да им дадеш јасни упатства за чекорите кои што они треба да ги направат за да видат резултат во следните 90 дена. Да им дадеш поддршка и храброст сами да носат одлуки за себе и за тоа колку ќе си ги притискаат границите на издржливост. А “зачинот” на тоа треба да биде признание за вежбачот! Објави го на социјални медиуми, раскажи ја неговата приказна и напредок, помогни му да биде видлив.

Погледни ги само Елена Бубало и Атанас Михајловски. 100% се посветени да дадат признание на својата заедница и вежбачи. Ниту ги интересира кој колега и тренер каква програма има, ниту колку го бива. Затоа и не можат да постигнат со работа дури и во услови на пандемија. Многу од тренерите себе си се ставаат на прво место. Колку они се навежбани, колку они се згодни, колку они знаат како се вежба, колку они постигнале, колку они имаат лајкови на инстаграм, колку они биле изненадени од “колеги незналици”. Забораваат дека главната ѕвезда се нивните вежбачи и резултати.

Каде може да го изгубиш членот?

Нека не ти текнува на вежбачот само кога ќе дојде време за да плати за новиот месец. Комуницирај го почесто особено во првиот месец. Луѓето се срамежливи да се ‘отворат’ со коментари и прашања кога се нови во средината. Биди личноста што ќе инсистира да дознае како им оди, како се чувствуваат, колку често им доаѓа да се откажат или да прескокнат тренинг, зошто им доаѓа така, дали после тренинзи немаат енергија, што прават со исхраната, прашај ги дали се добро кога нема да се појават на вежбање…? Има толку многу прашања да поставиш за да и дадеш на другата страна на знаење дека навистина те интересира да и помогнеш.

3-те различни типови на вежбачи

Вообичаено, тренерите и сопствениците на студија и клубови знаат за два типа на вежбачи. Тоа се нов/неискусен и искусен вежбач кој што повеќе години е активен. Но, постои уште еден тип на вежбачи за кои можеш да се фатиш во замка. Ајде да ги погледнеме секој посебно.

Новиот тазе вежбач: На овој вежбач се’ му е ново. Локацијата, средината на луѓе, ти како тренер, реквизитите, правилата на куќата, вежбите. На овој вежбач му треба најмногу внимание. Многу е веројатно дека ќе се доживува себе си дека заостанува и дека не припаѓа таму. Затоа е многу важно да го “носиш за рака” и многу често да го проверуваш и во сала и надвор од сала.

Искусниот вежбач: Овој вежбач доаѓа со самодоверба дека знае. Многу брзо се вклопува во средината, ги знае движењата, ги знае реквизитите и поимите. Едноставно не му треба многу “носење за рака”. Но, тоа не значи дека не му треба внимание. Биди паметен/на и искористи го неговото искуство со поновите и понеискусните вежбачи. Побарај од време на време да биде до нив, да биде пример за правилна изведба и помош за покажување. Ем ќе му дадеш на значење, ем ќе му помогнеш на новиот вежбач да стекне пријател, ем ќе си ја олесниш работата.

Јо — јо вежбачот: Овој вежбач доаѓа со прекини и многу често тренерите го перцепираат како искусен затоа што подолг период го има па го нема. Најчесто на се’ што ќе го прашаш ќе ти каже “да знам”, но не му верувај. Овој вежбач има нешто за кое можеби ти не си ја завршил работата на почеток. Не си го пречекал и спровел како што треба, но бидејќи не сака да оди пак во нова средина, доаѓа, па не доаѓа. Седни и поразговарај, дознај што му се случува.

Размисли неделава за овие работи, а следната ќе зборуваме за 5 — те чекори како да создадеш систем кој што ќе ги задржува членовите и вежбачите.


ФитКит e апликација која ти овозможува да вежбаш кога сакаш и каде сакаш, сега и во online вежбалните низ целата држава.

Апликацијата е достапна на PlayStore и AppStore.