Секогаш кога ќе сфати дека баш и не е расположен за вежбање, се потсетува дека поголемиот дел од денот го поминува на столче пред компјутер со минимална физичка активност. 👀
Тоа му е идеалната мотивација да стане и добро да се извежба, или барем да испешачи.
Запознајте го Роберт Илиевски, нашиот ФитКит херој на неделата. 👋
Првпат започнав со вежбање додека бев во средно. Паметам дека не можев да направам ниту еден склек, додека сите мои другари вежбаа во тој период, па решив да почнам и јас. До пред Ковид пандемијата имав периоди на активно вежбање, но и периоди на активно невежбање. Кога почна пандемијата бев студент со многу обврски околу факултетот, а некое време после тоа паралелно почнав и со работа. Тогаш приметив дека поголем дел од денот го поминувам на столица пред компјутер и сфатив дека ми фали физичка активност, па повторно почнав со вежбање.
Фитнес во теретана е неговата омилена физичка активност, а користењето на ФитКит му помага да ја избегне монотонијата во вежбањето. 🏋️
Омилена физичка активност ми е вежбањето во теретана бидејќи позитивно ми влијае на расположението, се чувствувам поисполнето во текот на денот, ми помага да го потрошам вишокот на енергија, но и да го подобрам физичкиот изглед. Искрено, не го следам толку напредокот, не ги следам телесните параметри и не сум склон да правам слики пред/потоа. Можеби како психички резултат би спомнал дека откако користам ФитКит, сум поконзистентен во вежбањето. Тоа е бидејќи со ФитКит сум флексибилен, имам можност да одам во различни теретани и да вежбам во различни опкружувања што дефинитивно ми помага против монотоноста во вежбањето, за разлика од месечно членство во една теретана.
Песната Beast најдобро ја опишува неговата фитнес рутина што изгледа вака:
Се трудам да одам во теретана 3 до 5 пати неделно. Тренинзите ги распоредувам зависно од обврските во текот на денот, а вежбите најчесто ги комбинирам на лице место во зависност од тоа како се чувствувам за максимално да ја искористам енергијата што ја имам. Најчесто тренинзите ги правам после работа, а за викенди обично напладне. Воопшто не сум morning person – сакам убаво да се наспијам. Тренинзите најчесто ми се состојат од тежински вежби што потоа преминуваат во 15-30 минутно кардио (степер или одење на лента со висок наклон со умерено до брзо темпо).
Досега Роберт експериментирал со различни физички активности како вежбање дома, надвор на шипки, вежбање во теретана, активно возење на велосипед и слично, но како најефективна се покажала теретаната. 💯
Во теретана имам најголема концентрација, најлесно ми е да останам дисциплиниран и да го завршам тренингот до крај без да кратам од вежбите. Дополнително, имам приметено и дека со вежбање во теретана, најбрзо постигнувам резултати.
Тој нема посебен режим на исхрана, но се придржува кон следниве работи за да си ги одржува резултатите од вежбањетo:
Работи на кои што внимавам се да не јадам навечер (секако има отстапувања), оброците да не ми се преобемни, избегнувам високо калорична храна, а паралелно гледам да внесам и доволна количина на потребните микро и макронутриенти. Во текот на денот, практикувам редовно да пијам вода. Исто така се водам по тоа дека доколку секоја храна се конзумира во умерена количина, нема да штети на посакуваните резултати.
Личноста што го инспирира да го даде својот максимум при вежбање е неговиот другар Стефан Трајковски. 🦸
Верувам дека голем дел од луѓето како фитнес херој би посочиле кон некој познат бодибилдер, фитнес модел или спортист, но за мене фитнес херој е мојот другар Стефан Трајковски. Тренинзите со него се најефективни и најзабавни бидејќи тој секогаш ме поттикнува да ги поместам границите и да ги соборувам моите лични рекорди. Неговата жар кон вежбањето е за восхит. Тешко е човек да “забушава” со вежбањето во негово присуство. Голем поздрав до Стец – Пец, ако го читаш ова.
До крајот на 2024та година, Роберт се стреми да го зголеми обемот на физичката активност, а со тоа да си ги намали мастите и да ја зголеми мускулната маса. 🎯
Најпрво би сакал да ја зголемам физичката активност, односно да додадам уште нешто покрај теретаната како планинарење или рекреативно спортување – кошарка на пример. Ова би го правел за време на викендите. Со оглед на работната позиција мислам дека ова е потребно за да спречам проблеми со вкочанетост и искривување на грбот. Следната цел е прилично стандардна, а тоа е малку да го намалам процентот на масти и да ја зголемам мускулната маса. Не си ставам високи очекувања бидејќи така може полесно да се откажам од активностите. Полесно ги постигнувам резултатите кога си одредувам помали цели на одреден временски период.
Како Software Engineer во компанијата Netcetera, Роберт вели дека ФитКит како бенефит за вработените, му помогнало многу попосветено да се фокусира на работните обврски.
Откако почнав да користам ФитКит, можам да кажам дека сум поконзистентен во вежбањето и пофлексибилен да одам во различни теретани. Во секој момент од денот, каде и да се наоѓам, во близина има некоја теретана што дополнително ми олеснува и ме мотивира да одам да извежбам. ФитКит ми помага и во организацијата на дневните активности и подобро да го искористам времето што ми е на располагање.
За крај, еве што Роберт би им препорачал на луѓето што се уште се двоумат дали да започнат со вежбање или не:
Да не се чека понеделник! Секој ден може да е понеделник. Вежбач почетник би го советувал да почне да вежба со фитнес тренер. Со негова помош брзо ќе научи како правилно да ги изведува вежбите, да ги миниммизира шансите за повреда и како да ги комбинира вежбите за време на тренинзите во завиност од мускулните групи што ги тренираат. Доколку нема фитнес тренер, тогаш би му кажал да не се срами да праша за помош или совет, без разлика дали е тоа некој од вработените во фитнес центарот или, пак, некој од вежбачите. И секако да не се откажува, бидејќи со вежбањето не само што ќе го подобри физичкиот изглед, туку и ќе ги намали шансите за здравствени проблеми. ⚡
За да дознаеш повеќе за Роберт :😎
👍 Додај го за пријател на Фејсбук: Robert Ilievski
📸 Пиши му на Инстаграм: @ilievski_r
🎯 Конектирај се на LinkedIn: Robert Ilievski
ФитКит e апликација која ти овозможува да вежбаш кога сакаш и каде сакаш, сега и со опција за закажување сесии со лиценциран психолог.
ФитКит е и платформа со видео програми за вежбање со твоите омилени ликови. Програмите можеш да ги отклучиш со твојата ФитКит претплата, со 15 кредити, 990 денари, или преку видеотеката на MaxTV. Апликацијата е достапна на PlayStore и AppStore.